01/25/2026
Ако си од Македонија и сакаш работа или бизнис на Коста дел Сол, првото што мора да се каже без шминкање и розови наочари е дека сонцето не ти е дозвола за работа. Како државјанин надвор од ЕУ, за легална работа најчесто треба работна дозвола и жителство, а тоа во пракса значи дека работодавачот мора да биде спремен да те вработи и да помине низ процедура. Токму затоа, многу луѓе заглавуваат не затоа што нема работа, туку затоа што документите и времето се реален проблем. Познато е ова од некаде? :)
Ако одиш на варијанта да најдеш работа, најлесно се влегува преку сезонски и услужни сектори, затоа што таму побарувачката е постојана, а отказите и вработувањата се многу чести. Меѓу најбараните профили се врзани со логистика и транспорт, угостителство, продавници, и позиции што често не се пополнуваат лесно, како келнери, готвачи, возачи на камион и градежни работници. Ова не е гламурозно и спектакуларно, ама е реалност на пазарот.
Позитивната страна е што ако зборуваш шпански барем на солидно ниво и ако си флексибилен со смени и сезона, шансите да најдеш работа се зголемуваат. Негативната страна е што платите во услугите често се пониски отколку што луѓето си замислуваат, работното време може да биде далеку од флексибилно, а летото знае да те исцеди, и физички и психички. Плус, има огромна конкуренција од луѓе што веќе се таму, особено за полесни работи каде што шпанскиот и не е толку потребен.
Ако сакаш подобро платени и стабилни позиции, тоа се профили што ќе донесат конкретна вештина, електричари, водоинсталатери, клима монтажери, мајстори за реновирање, техничари, возачи со лиценци, како и луѓе со искуство во продажба и поддршка на клиенти на повеќе јазици. Услугите секако доминираат, но има раст и во градежни активности и специјализирани услуги за објекти, одржување, градинарство, што директно е поврзано со недвижности и туризам.
Сега за бизнисот. Тука има две реалности што се судираат. Едната е дека Коста дел Сол е место каде постојано доаѓаат луѓе, туристи, нови резиденти, и пазарот има потреба за услуги. Другата е дека бирократијата, трошоците и конкуренцијата можат да те изедат ако влезеш без план. Ако сакаш да работиш како самовработен, во Андалузија мора да се регистрираш во даночната управа и во системот на социјално осигурување, и да плаќаш месечни придонеси кои зависат од приходи. Многу луѓе ја потценуваат фиксната обврска и потоа бизнисот им станува стрес.
Кои бизниси имаат најреална шанса да успеат, ако зборуваме реално?
Прво, услуги околу имоти, чистење, одржување, примопредавање клучеви, мали поправки, подготовка на стан за гости, проверка после невреме, и слично. Причината е проста, многу сопственици не живеат цела година таму и им треба човек на лице место. Второ, услуги поврзани со реновирање и енергетска ефикасност, клими, изолации, поправки од влага, мрежи за комарци, и слично, затоа што старите згради и куќи бараат постојано реновирање. Трето, превоз и логистика, трансфери, достави, помош при преселба, особено ако работиш со странци што сакаат сигурност и точност. Во Малага, логистиката, угостителството и трговијата се меѓу најдинамичните сектори во сезонски периоди, и тоа директно влијае на тоа кои услуги се исплатливи.
Има и бизниси што звучат убаво, ама често се дупка без дно. Бар или кафич без јасна локација и без разликување од другите се многу ризични, затоа што конкуренцијата е огромна и маржите се мали. Туристичкиот бизнис зависи само од јуни до август, а потоа девет месеци ќе е полупразно. Посебно важно е да се разбере дека Коста дел Сол е регион со силно услужна економија, што значи дека има работа, ама голем дел е сезонска и врзана со туризам и недвижнини. Тоа е позитивно ако влегуваш со услуга што се продава брзо, и негативно ако бараш стабилност како во класична индустрија.
Ако треба да се сведе на едно, најбрзиот пат до стабилност е комбинација од три работи, документи што ти го решаваат легалниот статус, шпански јазик барем за секојдневие, и вештина што носи конкретна вредност. Без тие три, и работа и бизнис стануваат борба со ветерници, без разлика колку е убаво времето.
Сега прашање што секогаш отвора дискусија. Кога би избирал, прво би одел да најдеш работа со конкретен занает, или би градел отворил бизнис околу имоти и одржување за луѓе што не се постојано таму?